Грнчаров: МЗТ ќе го подмладува тимот, време е за талентите

МЗТ Скопје зад себе остава успешна сезона на домашната сцена, со обединета двојна круна во првенството и во Купот на Македонија. Извршниот директор на аеродромци, Тони Грнчаров, даде видување на настаните во изминатиот период и воедно најави дека ќе следи подмладување.

Во Аеродром има штоф за иднината, посебно во вториот тим, МЗТ Скопје Уни Банка, воден од тренерот Борче Даскаловски. Дека во првиот тим ќе бидат прекомандувани неколку играчи, најави самиот Грнчаров.

„Нема што да се каже друго освен дека е време нашите таленти да блеснат на голема сцена. Време е најдобрите од нашиот младински состав да добијат шанса во првиот тим, да го покажат и докажат својот квалитет во битките за највисок дострел. Планираме повлекување на неколкумина од вториот тим, за кои сметаме дека се доволно зрели и дека имаат доволен потенцијал за да дадат свој придонес во новиот обид да се освојат двете домашни круни. Со тоа само ќе ја потврдиме исправноста на нашата досегашна стратегија, за давање шанса на младите во Првата лига, со што бенефит нема само МЗТ Скопје, туку и македонска кошарка во целост.

Секако дека сме пресреќни за успехот остварен сезонава, но со нетрпение ја чекаме следната за да видиме како нашите деца ќе станат мажи настапувајќи на највисока сцена, во дресот на најдобриот македонски клуб во последната деценија. Секако, можевме подобро во АБА2-лигата, но еднокружниот систем, напорот што доаѓаше со играњето турнирски, корона кризата, но и очигледното форсирање други екипи, беа причините за полошиот резултат, кој не нѐ разочарува, туку ни дава мотив за уште понапорна работа за да дојдеме до посакуваната цел и на регионална сцена“, изјави Грнчаров за клупската интернет-страница.

МЗТ Скопје засега е на одмор, а наскоро се враќа на клупските обврски и ќе се впушти во работа на формирање на новиот тим кој ќе ги брани титулите. Од актуелниот тим, под договор е само капитенот Дамјан Стојановски.