Грнчаров е нов извршен директор на шампионот: „За мене постои само МЗТ Скопје“

Македонската кошаркарска легенда Тони Грнчаров во следните неколку денови ќе биде назначен за нов извршен директор на МЗТ Скопје, денес открива македонскиот кошаркарски шампион. 

Процедурата за негово назначување веќе започна, а наскоро тој и официјално ќе ја преземе функцијата на која досега беше Видоја Секулоски.

„За мене никогаш и не постоела друга екипа освен МЗТ Скопје Аеродром. Тоа е судбината на секој аеродромец, бескрајната  љубов кон сино-белата боја. Се враќам дома, но сега во поинаква и исклучително одговорна функција. Примарна цел сега ни е опстанок во АБА-лигата, додека желбата да се освојат двете домашни круни е нешто што треба да се подразбира за клуб како нашиот. Во иднина ќе посветиме уште поголемо внимание на младинската школа, каде што на талентираните ќе им понудиме работа со квалитетни стратези. Македонските играчи и тренери секогаш ќе ни бидат во преден план, како и работата на подолги стази, без често менување тренери“, вели Грнчаров.

Грнчаров професионалната кошаркарска кариера ја почна токму во сино-белиот дрес во 1999 година, а пред пет години беше дел од генерацијата која го оствари шампионскиот сон на армијата навивачи на клубот. Новиот извршен директор исто така беше дел од првиот состав на МЗТ Скопје Аеродром, кој настапи во АБА-лигата во 2012 година.