• Иван Димовски
Кошаркарите на Грција славеа во дуелот со Шпанија (108-106) во квалификациите за Мундобаскетот. Дуелот кој се одигра во „Телеком центарот“ во Атина понуди голема борба и разврската ја даде дури по продолженијата, а повеќе нерви имаа домашните кошаркари.
По фуриозниот старт на Грците (8-0), гостите се вратија во игра и поведоа на стартот на втората четвртина. Домашните се вратија во позитива и во завршната четвртина стигнаа и до „плус 12“. Сепак, Шпанците не се предадоа и со одлична игра во финишот стигнаа до егал (86-86).
Во продолженијата подобри беа кошаркарите на Грција кои стигнаа до минимална победа. Со овој триумф Грците стигнаа до скор 4-4, додека Шпанците се и понатаму први со 5-3.
До шестата квалификациска победа стигна селекцијата на Србија, откако се радуваше на гостувањето во Пезаро кај Италија (64-76). Во меч во кој Србите играа со доста ротација на крајот квалитетот исплива на површина и забележаа победа.
Најпрецизен играч на средбата беше Манион со 23 поени, додека кај гостите се истакнаа Аврамовиќ со 20 и Гудуриќ со 19. Никола Јокиќ со половична минутажа собра по осум поени и скокови.










