Грција ја загуби трката, кошаркарските квалификации за ЛОИ во Србија, Хрватска, Литванија и Канада

Ако изјавата на Јоргос Василакопулос, претседателот на Кошаркарската федерација на Грција, не е маневар или еден вид притисок, тогаш познати се сите домаќини на олимписките квалификациски турнири во машка конкуренција.

Василакопулос изјави дека грчката влада не дала никаков одговор на барањето за финансирање на депозитот кој се бара при конкурирањето. 

„Ние ја пополнивме и поднесовме апликацијата, но не можевме да ги гарантираме финансиските услови. Барањето го испративме до Владата пред 90 дена, но досега немаме одговор. Не сме одговорни за тоа, се обративме до владата, но тие беа глуви“, изјави Василакопулос за „Спорт 24“.

Ова практично значи дека во игра остануваат уште четири земји - Србија, Хрватска, Литванија и Канада. Официјалната потврда ФИБА треба да ја соопшти на 15 ноември, па така Белград, Сплит, Каунас и Торонто ќе бидат домаќини на 24 репрезентации кои ќе се борат за пласман на Летните Олимписки игри во Токио.