ФОТО: „Градски парк“ му оддаде почит на Буштур, Работнички ја повлече „13-ката“

Благоја Георгиевски - Буштур, славниот македонски кошаркар, замина меѓу легендите на 69-годишна возраст откако го загуби животот во сообраќајна несреќа. Кошаркарска Македонија тагува, сите се простуваат од него, меѓу нив е и неговата „прва љубов“, Работнички.

Работнички во рамки на Првата лига игра со Академија ФМП, а пред натпреварот „Градски парк“ ѝ оддаде почит на трагично починатата легенда. Буштур целиот живот го посвети на Работнички како играч, го носеше дресот со број 13.

Во негова чест од Работнички донесоа одлука да се повлече „13-ката“ од употреба и заедно со Буштур да замине во историјата.

Георгиевски беше еден од најпопуларните македонски кошаркари во историјата. Најголемите успеси ги оствари во дресот на Работнички како и во репрезентациите на Југославија. Како најголем успех му се води сребрениот медал со Југославија на ЛОИ 1976 каде беше единствен Македонец.