Градоначалникот на Охрид и челниците на КФСМ го претставија новиот кошаркарски проект

Минатата година Охрид остана без кошаркарски клуб, а летово формиран е нов, со кој треба да се врати „кралицата на игрите“ во најубавиот македонски град. Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески и претседателот на кошаркарската федерација, Перо Антиќ на денешната средба изразија голема благодарност до групата ентузијасти за формирањето на Градскиот кошаркарски клуб Охрид и се обврзаа за обезбедување на помош за непречено функционирање на клубот.

Перо Антиќ истакна дека е задоволен што постојат ентузијасти кои се борат да ја продолжат кошаркарската приказна во градот и што му овозможуваат на охриѓани повеќе спортски доживувања.

Градоначалникот Константин Георгиески, како голем љубител на спортот не себично ја истакна својата поддршка кон новоформираниот клуб и се обврза во скоро време да им обезбеди и финансиска помош.

Претставниците на клубот информираа дека ќе се посветат максимално со работа во младинските категории и охридските кошаркарски таленти, и чекор по чекор да  одат напред и од наредна година да се натпреваруваат во Прва лига.