• Саше Љолес
Кошаркарите на МЗТ Скопје загубија со 74-70 на гостувањето кај ТФТ Скопје во натпреварот од деветтото коло во Првата македонска лига. Избраниците на Васко Атанасов прикажаа бледа и нестабилна игра, со очаен шут за три поени (6/30) и сосема заслужено ја честитаа победата на ривалот од главниот град.
- Комплетниот натпревар помеѓу ТФТ Скопје и МЗТ Скопје:
Домаќинот силовито влезе во мечот и прикажа цврста игра во одбраната, а тоа резултираше со неколку брзи поени и две убави серии со кои создаде предност од осум поени по истекот на првата четвртина (24-16). „Металците“ возвратија со подобар пристап во следниот период, но до паузата успеаја само минимално да ја намалат негативата (43-36).
ТФТ стабилно го отвори второто полувреме и имаше добар моментум во третата делница, додека МЗТ никако не успеваше да направи серија со која ќе се врати во потполна неизвесност. Домаќинот умешно ја користеше оваа ситуација и влезе во последната четвртина со предност од седум поени, 64-57.
МЗТ бргу успеа да дојде на -5, додека ТФТ промаши неколку шутеви во низа. Домаќините им дадоа неколку шанси на аеродромци комплетно да се вратат, но бевме сведоци на период од три ипол минути без поени на двете страни. Маслинко и Војдан Стојановски промашија обиди за три поени, но тоа му успеа на Американецот Едвин, кој ги доближи „металците“ на 70-67.
Сепак, ТФТ се созема во клучните минути, со поените на Говенс и Гафни повторно се врати на +7 и полека стана јасно дека МЗТ Скопје нема да успее да направи пресврт во своја полза. На крајот домаќинот славеше со конечни 74-70, а најдобар поединец беше Дарин Говенс со 24 поени, седум скока и пет асистенции, а кај МЗТ Скопје тринаесет поени постигна Војдан Стојановски.