• Саше Љолес
Познатиот кошаркарски менаџер и агент, Мишко Ражнатовиќ, објави дека хрватскиот центар Ивица Зубац потпиша нов договор со екипата на Лос Анџелес Клиперс и ќе игра за оваа франшиза до 2028 година.
Новата соработка предвидува огромна заработка од дури 70 милиони евра, а најголем дел од оваа сума ќе легнат на неговата сметка во последните три сезони од договорот (58 милиони евра).
„Ова е втор најплатен играч во нашата историја“, напиша Ражнатовиќ, мислејќи на неговата агенција „Беобаскет“, која под своја закрила го има и феноменалниот Никола Јокиќ од Денвер Нагетс.
„Џокерот“ исто така годинава ќе има огромна заработка од дури 51,4 милиони долари, а од следната сезона ќе инкасира по четири милиони повеќе, до крајот на договорот. Договорот за Ивица Зубац доаѓа во време кога за него беа заинтересирани повеќе клубови, но Хрватот реши да остане во САД и да ја продолжи авантурата во НБА лигата.
27-годишниот центар е поранешен играч на Мега Лекс, Цибона и Лос Анџелес Лејкерс, а кариерата ја започна во загребскиот клуб, Зрињевац.