Гостивар со тројкашки ден ја расипа добрата серија на лидерот МЗТ Скопје

Екипата на Гостивар се надмина себеси и одигра одлично во дуелот со МЗТ Скопје и во рамки на Суперлигата успеа да слави како домаќин во салата „Младост (98-82).

Тимот на Марјан Србиновски имаше тројкашки ден и му ги расипа плановите на гостинот од Аеродром. Избраниците на Ѓорѓи Кочов беа во супер-серија во домашниот шампионат, но и на неа и дојде крајот. За среќа, поразот нема да боли толку затоа што Работнички загуби кај Блокотехна и МЗТ и понатаму е сигурен на врвот пред разигрувањето за титулата.

Неизвесно на натпреварот беше само по првите десет минути, кога на семафорот стоеше 25-23. Гостивар влезе во ритам во последните пет минути од вториот квартал, кога од 34-32, со тројки на Димчевски и Костоски дојде на плус осум (40-32), позитива која ја задржа до паузата (45-36). Во третиот период продолжи „стрелбата“ на паркетот, за прво двоцифрено водство на Гостивар (63-51), кое остана до самиот крај на мечот.

Кај победникот одлични беа Александар Костоски и Јуре Сегариќ, и двајцата со по 19 поени и 8 асистенции, ги следеше Ефинаи со 17 поени, а Тасовски заврши со 15 поени, додека кај МЗТ кој беше без Вудард и Медфорд, Магдевски даде 17 поени, а Иванов застана на 16 поени.

Во последното десетто коло од Суперлигата, МЗТ Скопје ќе гостува кај Работнички, додека Гостивар исто така се соочува со гостување, кај тимот на Кожув.