Гостивар со супер-серија до триумф над Кожув и лидерско место во лигата

Екипата на Гостивар имаше експлозија во последните десет минути и со фантастичен последен квартал запиша посакувани бодови против Кожув од Гевгелија (81-71).

Дуелот се реши во последниот период, кој Гостивар го отвори маестрално. Избраниците на Марјан Србиновски во последните десет минути влегоа со негатива од шест поени (53-59), но следеше супер-серија и комплетен пресврт.

Гостиварчани беа расположени во одбраната, па седум минути го задржаа противникот од Гевгелија без поени. Функционираше и шутот, кој донесе неверојатна серија од 18-0 со која резултатот се сврте во корист на домашните во „Младост“ (71-59). Тоа беше доволно да се дојде до посакуваната победа и лидерското место во шампионатот.

Шоуто на стартот на последните десет минути го направија Димитриески, Доналдсон, Вучковиќ и Џелетовиќ. Најдобар кај Гостивар беше Доналдсон со 31 поен, Џелетовиќ даде 17, а капитенот Димитриевски заврши со 12 поени, додека кај Кожув, Пејн финишира со 23 поени.

Гостивар со овој триумф е лидер во кошаркарскиот шампионат.