• Саше Љолес

Екипата на Гостивар потешко од очекуваното ја оствари потребната победа над „фенерџијата“ Вардар (71-73) во последното коло од плеј-аутот на Првата кошаркарска лига и го обезбеди опстанокот во елитата и за следната сезона. Победата на гостиварчани автоматски значи дека Шкупи се сели во понизок ранг и на мечот против Тиквеш нема да има резултатски императив.
- Комплетниот натпревар помеѓу Вардар и Гостивар:
Гостивар водеше скоро во текот на целиот меч, иако Вардар ги доби во своја полза втората и третата четвртина. Гостинскиот тим имаше солидна залиха од првите десет минути, а на паузата резултатот гласеше 37-46.
Во второто полувреме вардарци се обидоа да го ублажат ударот, намалија на -6 на средината од последниот период и се одржуваа во игра за изненадување. Потоа разликата изнесуваше само 4 поени (64-68), а драмата дојде во последните две минути кога домаќинот го израмни резултатот.
Сепак, Вардар пропушти шанса за сензација, а Гостивар успеа да го затвори мечот во своја полза со конечни 71-73 и донесе голема радост за своите навивачи. Најефикасен во победничкиот тим беше Максим Митевски со 22 поени и девет скока, а на спротивната страна 17 поени впиша Хусеин Бајрам.