Гостивар слави во „Младост“, прв сезонски неуспех за Работнички

Кошаркарите на Гостивар го искористија домашниот терен и во салата „Младост“ го надиграа и победија најтрофејниот македонски тим Работнички со 91-65. Гостиварци водени од добрата атмосфера во салата стигнаа до третото славје во Првата македонска кошаркарска лига, нанесувајќи му го првиот пораз на тимот од Скопје. 

  • Комплетиот натпревар меѓу Гостивар и Работнички: 

На самиот старт домашните кошаркари тргнаа одлично. Со 16-2 најавија дека Работнички нема добро да мине на ова гостување. Скопскиот тим се обиде да се врати и анулираше дел од негативата, ама само за кратко дојде во едноцифрен итнервал. Стартот на вториот период им припадна на гостите, кои пак потоа се „распаднаа“ и Гостивар убедливо поведе, па на пауза замина со 49-32.

Гостиварци не отстапија ниту по полувремето. Со добра игра одруваа двоцифрена позитива во текот на третиот период, а потоа во пресрет на финишот уфрлија и во брзина повеќе. Работнички немаше решение за разиграниот ривал, па Гостивар го декласираше гостинот. Највисоката предност на мечот дојде во самиот финиш, кога домаќините всушност победија со +26 на своето конто. 

Ејасу Ворку беше најкорисен играч на оваа средба, со „дабл-дабл“ (24 поени, 10 асистенции) ги предводеше гостиварци, а двоен ефект имаше и Тодоровиќ (13 поени, 12 скока). Кај Работнички, пак, Мустафица и Данаиловски уфрлија по 11 поени.