Гостивар не го реализира последниот напад, Куманово славеше по голема драма

Кошаркарите на Куманово запишаа драматична победа на домашен терен, совладувајќи го Гостивар со 75-73 во натпревар исполнет со пресврти и неизвесност до самиот крај.

  • Комплетниот натпревар меѓу Куманово и Гостивар:

Домашниот тим одлично го отвори мечот и по првите десет минути имаше предност од 21-16. Во втората четвртина Куманово продолжи во ист ритам, наметнувајќи силно темпо и со 21-14 успеа да обезбеди двоцифрена предност. На полувремето, кумановци водеа со убедливи 42-30, а најрасположени беа Луковиќ со 15 поени и Радукиќ со осум.

Во второто полувреме следуваше реакција од гостите. Гостивар заигра значително подобро, ја намали негативата и постепено ја врати неизвесноста во натпреварот. На стартот на последната четвртина гостите со серија поени стигнаа до водство од 64-68, прво по подолг период.

Сепак, Куманово не дозволи целосен пресврт. Во финишот домашниот состав успеа да се врати и да поведе, а драмата кулминираше во последните секунди кога Гостивар имаше шанса за победа. Сепак, ударот за три поени не заврши во кошот, па победата остана во Куманово (75-73).

Луковиќ блесна со 27 поени и 14 скока, додека за Гостивар на ниво беа Димитриевски со 16 и Младеновиќ со 15 поени.