Гостивар има понуда да игра во АБА-2, проблем е салата „Младост“

Македонскиот прволигаш Гостивар во новата сезона ќе влезе со поголеми амбиции, а можно е тимот да има излез и во регионалната АБА-2 лига.

Како што пишува „Гостиварпрес“, клубот има понуда на маса да се приклучи во лигата, а веќе се остварени и првите контакти со претставниците од Јадранската лига.

Гостивар се наоѓа во план за новата сезона, арно ама тимот има проблем со салата „Младост“. Покрај финансискиот дел, за да се игра во АБА-2 потребна е и солидна инфраструктура, нешто што Гостивар го нема во моментов. Како што изјавија од клубот за „Гостиварпрес“, условите во салата не се ниту блиску до оние кои се неопходни за мечеви на меѓународна сцена.

Клупската управа веќе стапила во контакт со градоначалникот Арбен Таравари и разговарано е на оваа тема. Гостивар важи за град кој ја сака кошарката, а доказ за тоа е полната сала на сите домашни средби. АБА-2 и тоа како би донела плус и за клубот, но и за градот.