Гостивар го надигра Работнички за втора победа во подготовките

Македонските кошаркарски прволигаши Гостивар и Работнички со меѓусебен натпревар ја тестираа формата во пресрет на новата натпреварувачка сезона.

На контролниот дуел одигран во салата „Кале“ поуспешен беше гостиварскиот тим, кој славеше убедлива победа од 81-65. За Гостивар, кој новата сезона ќе ја дочека со високи амбиции, ова беше втор триумф во подготвителниот период, откако претходно славеше над Феникс.

Работнички, пак, летово претрпе многу промени во играчкиот кадар и во сезоната која што е пред нас ќе се потпре на неколку искусни играчи и младинци од школата.

Новиот шампионат на Македонија стартува на осми октомври, а титулата ја брани МЗТ Скопје.