Гостивар го декласира Шкупи и победи по четири врзани порази

По четири последователни порази и скоро два месеци, кошаркарите на Гостивар повторно извојуваа победа во шампионатот на Македонија. Вечерва во „Младост“ лесно беше „скршен“ Шкупи, кој во ниту еден момент не беше конкурентен и загуби со 79-65 (25-17, 16-13, 23-14, 15-23). 

  • Комплетниот натпревар меѓу Гостивар и Шкупи:

Дуелот започна со многу грешки и лош процент на шутот. Сепак, Младен Грушановиќ се наметна и со серија на неодговорени поени донесе предност од 6-8 поени за гостиварчани. Грегори Трибл единствен парираше, но домаќинот првиот квартал го заврши со предност од 25-17. На почетокот на втората четвртина Гостивар стигна до двоцифрена разлика и создаде залиха која не ја испушти до крајот. По дваесет минути резултато гласеше 41-28, а гостите мака мачеа да фатат континуитет во играта. 

Митевски и Хемптон во третата четвртина ја однесоа предноста блиску до дваесет разлика и последната четвртина беше само формалност. Конечниот резултат гласеше 79-65 за многу подобрата домашна екипа.

Најефикасни кај Гостивар беа Грашановиќ со 21 и Родес и Митевски со по 13 поени, а во тимот на Шкупи се истакнаa Дејкон Вилијамс и Грегори Трибл со по 15 поени. Ова е трета победа за Гостивар и шести пораз за Шкупи во шампионатот и двете екипи се соседи на првенствената табела.