Гостивар броеше до 109 и на убедлив начин го совлада Црн Дрим

По двата порази на стартот, екипата на Гостивар врза две победи во новата сезона од Првата кошаркарска лига на Македонија, откако на свој терен со сигурни 109-95 го совлада тимот на Црн Дрим. 

Ако новајлијата во елитата во првата четвртина одлично му парираше на фаворитот и во ниту еден момент не му дозволи резултатски да се одлепи, во втората домашните кошаркари најдоа решение за струшката одбрана и доминацијата ја крунисаа со позитива од девет поени на полувреме. 

По првите десет минути, во кои и Црн Дрим имаше предност, на семафорот стоеше 26-24, но во продолжение искуството на момците на Србиновски дојде до израз и Гостивар конечно заигра како што посакуваше и на одмор замина со солидна предност од 51-42. Во овој период на паркетот блескаше Тодоровиќ со 19 поени, додека кај гостите најрасположен беше Клушен со 12 поени. 

Стартот на вториот дел мина во знакот на гостинските кошаркари кои со позитивна серија стигнаа до негатива од само три поени, но следуваше нов налет на домаќините и во последните 10 минути се влезе со водство на домаќинот од 81-71. Гостиварчани во ист ритам продолжија и на почетокот на финалниот квартал. Одличната игра им донесе и нова двоцифрена  предност која не ја испуштија до крај и заслужено славеа со 109-95.

Прв стрелец на натпреварот беше Костески со 28 поени, Тодоровиќ застана на 23 поени, додека во редовите на гостите најпрецизен беше Рос со 22 поени.