Гостивар без публика не е свој, МЗТ суверено го држи врвот

Екипата на МЗТ Скопје продолжи да победува на домашната сцена и сигурно славеше на гостински терен кај Гостивар (71-82), па така се зацврсти на лидерската позиција во Првата лига.

  • Комплетниот натпревар меѓу Гостивар и МЗТ Скопје Аеродром: 

Гостиварчани поради инцидентите на дуелот со Пелистер останаа без публика и немаа поддршка од трибините на дуелот со актуелниот првак. Така, кошаркарите кои беа предводени од Ангелов немаа моќ да му парираат на ривалот со подолг ростер, исто влијаеше на играта и отсуството на неколку играчи.

Само првиот квартал му припадна на Гостивар (30-25), а се останато беше на страната на МЗТ Скопје. Гостинот од Аеродром фати ритам пред крајот на полувремето, кога од 40-41, замина на 40-48 и одржуваше предност. На стартот на третиот период дојде и првата двоцифрена позитива (47-59) и таа константно се одржуваше.

Рикиќ беше најдобар со 16 поени и десет скока, го следеше Војдан Стојановски исто така со 16 поени. Николов додаде 15 поени. Кај Гостивар, Силаџи даде 25 поени со уште 11 скока, додека Јанески реализира 18 поени.

МЗТ е лидер на табелата со 27 победи и четири порази, додека Гостивар е трети со 48 бода, пред ТФТ исто така со 48 бода. За плеј-офот се борат Гостивар, ТФТ, Еуро Никел и Феникс и ќе биде возбудливо до крајот.