• Иван Димовски

Кошаркарите на Кожув се вратија на победите, откако го совладаа ТФТ Скопје со 82-72 во рамките на 17. коло на Првата македонска кошаркарска лига. Средбата во салата „26 април“ во Гевгелија беше релативно изедначена, а домашните кошаркари беа подобри во клучните моменти.
- Комплетниот натпревар меѓу Кожув и ТФТ:
Се влезе израмнето во натпреварот, екипите се менуваа во водството и ниту еден тим не успеваше да се одлепи, па гевгеличани првиот период го заокружија со минимална предност (19-17). Втората четвртина тргна фуриозно за Кожув кој со серија од 11-0 успеа првпат посериозно да се одлепи. Ниту тоа не гарантираше „мирно море“, бидејќи скопјани се вратија во игра, пријдоа до минус четири, а на одмор се замина со 42-33 за домашните.
ТФТ го отвори продолжението со 9-0, дојде до целосен егал и еднаш успеа минимално да поведе. Сепак, Кожув не загуби ритам, успеа да се одржува во водство и по турбулентниот период. Скопскиот тим и во завршната четвртина се врати во два наврати до егал, за потоа одново да падне во мини-криза. Кожув го искористи тоа, одново направи солидна серија и во завршницата ја грабна победата и тоа со двоцифрена разлика (82-72).
Мајрон Гордон беше најдобар на перкетот со 32 поени, додека првиот „следач“ му беше МекБрајер од ТФТ со 15 поени.