Големо засилување за Карпош Соколи: Бојан Трајковски една година „сокол“

Бојан Трајковски

Бојан Трајковски, македонскиот кошаркарски репрезентативец, е нов член на Карпош Соколи, откако денес и официјално потпиша договор со македонскиот претставник во друштвото на најдобрите тимови на просторот на некогашна СФРЈ, со важност до крајот на сезоната, но и со можност истиот да биде продолжен и за подолг период. 

„Презадоволни сме што успеавме да го ангажираме Бојан Трајковски, кошаркаркар чии квалитети се неспорни и кој и тоа како ќе ни помогне во остварување на зацртаните цели сезонава. Драго ми е што успеавме да доведеме македонски репрезентативец, со што уште еднаш покажуваме дека наш првенствен интерес е развојот на македонската кошарка. Во Трајковски добиваме играч кој и тоа како ќе ги промени силите на теренот во домашниот шампионат и со чија помош сигурно ќе бидеме поблиску до еден од двата домашни трофеја“, вели претседателот на Карпош Соколи, Огнен Дедиќ.

Репрезентативецот минатото лето потпиша за Куманово, но набрзо потоа го раскина договорот и кариерата ја продолжи во косовскиот тим Сигал Приштина, чиј лидер беше до пред извесно време.Избраниците на тренерот Драган Николиќ вечерва ќе му гостуваа на Задар (18.00 часот), а првата можност за деби на Трајковски е веќе в среда кога во Скопје гостува Трепча во рамки а БИБЛ-лигата.