Големо признание за Рајковиќ, избран за тренер на сезоната во ВТБ-лигата

Македонскиот стратег Емил Рајковиќ на почетокот на летото минатата година го направи својот трансфер на кариерата, откако беше именуван за нов тренер на европскиот кошаркарски гигант ЦСКА Москва.

Со рускиот клуб потпиша договор на една плус една сезона, а веќе во првата се чини дека раководството на поранешниот освојувач во Евролигата го направи вистинскиот потег. Македонскиот стратег е одликуван со големо признание, откако е прогласен за најдобар тренер во ВТБ-лигата за сезоната 2022/23.

Под водство на Рајковиќ, ЦСКА Москва забележа 30 победи во 32 натпревари и го зазеде првото место во регуларниот дел од лигата.

Покрај тоа, ЦСКА Москва под водство на нашиот тренер постави неколку рекорди во лигата. Најдобар старт на сезоната (24-0), најдолга серија победи (24 победи), 30 победи во една регуларна сезона, 14 натпревари со 100 поени или повеќе и најдобар учинок во регуларниот дел од сезоната (95,6 поени по натпревар).