Голема животна победа: Ема Никочевиќ по тешката болест се врати на судењето!

Македонската судијка Ема Никочевиќ се врати на терените, а тоа е огромна животна победа за неа ако се земе в предвид тешкиот период кој е зад неа. Никочевиќ во претходните два месеци буквално беше во борба за живот поради тешката болест која ја има.

За среќа, младата судијка ја доби оваа битка и успеа триумфално да се врати на кошаркарските терени. 

„По двомесечна пауза, моето враќање на теренот како кошаркарски судија беше исполнето со мешавина од возбуда и неизвесност. Искрено, имав многу прашања во главата. Односно дали ќе успеам да се снајдам, дали ќе ја издржам физичката динамика на натпреварот, и дали ќе го следам критериумот што го бара играта.

Сомнежот исчезна веднаш штом ја ‘свирнав’ првата одлука. Во тој момент, сè си дојде на свое место и влегов во ритам. Се чувствував сигурно, стабилно и поддржано, благодарение на извонредниот судиски тим што беше со мене, Иван Мијалковски и Бисера Јакова, делегатот, како и целата записничка маса, кои имаа разбирање и создадоа пријатна и професионална атмосфера.

Особено сакам да изразам голема благодарност до кошаркарската федерација на Македонија за континуираната поддршка. Тоа што повторно бев на терен, и што се снајдов одлично, ми донесе исклучителна радост и потврда дека сум подготвена и посилна од кога било. Овој натпревар за мене беше повеќе од само спортска задача, за мене значеше лична победа“, прокоментира Никочевиќ по враќањето.

Кам-бекот за Никочевиќ на терените беше натпреварот меѓу кадетските селекции на Македонија и Швајцарија во Скопје, а истиот го водеше со своите колеги Иван Мијалковски и Бисера Јакова.