„Голема трагедија е тоа што руските клубови не играат во евро-куповите“

Селекторот на словенечката репрезентација, Александар Секулиќ, даде интересна изјава поврзана со руските клубови кои имаат забрана за настап во Евролигата и останатите престижни купови на „стариот континент“. 

Секулиќ во исто време работи како тренер во Локомотив Кубан и вели дека забраната за настап на руските клубови е „вистинска трагедија која не смее да се случува“. 

„Руската ВТБ лига е една од најдоброорганизираните во светот. Клубовите имаат одлична инфраструктура и имаат многу големи буџети. Од спортски аспект, мислам дека забраната за настап на руските клубови е една огромна трагедија која мора што поскоро да заврши. 

Некои клубови не можат да доведат странски засилувања поради забраната, затоа што играчите не сакаат да настапуваат само во ВТБ-лигата. Од друга страна, пак, сметам дека треба да бараме нешто позитивно во секоја ситуација и ова е голема шанса за младите руски кошаркари да добиваат поголема минутажа и да се докажуваат на терените. 

Сега е намален и бројот на странци од осум на шест, но тенденцијата ќе продолжи, ако забраната за руските тимови остане на сила и следната година. Мислам дека е крајно време да се размисли со „ладни“ глави и да се изнајде решение кое нема директно да влијае на квалитетот на кошарката. Не гледам што има лошо во настапот на руски тимови во Евролигата. Тоа беше така порано и така треба да биде и во иднина“, заврши Секулиќ. 

Европските и светските кошаркарски асоцијации изрекоа изричита забрана за настап на руските клубови во евро-куповите, откако започна воената офанзива во Украина. Екипите од најголемата земја на светот се надеваат дека од следната сезона повторно ќе имаат можност да се натпреваруваат со најсилните клубови од Европа, но таа одлука допрва треба да биде донесена и ќе биде навистина тешка, поради политичките притисоци од многу фактори.