Голем удар за ПАОК: Џеди Осман го повреди коленото, мора на операција!

ПАОК доби лоши вести за еден од своите најголеми адути. Турскиот кошаркар, роден во Охрид, Џеди Осман заработи сериозна повреда на десното колено и во наредните денови ќе мора да биде подложен на оперативен зафат.

Осман почувствувал болки во коленото, по што утринава направил магнетна резонанца. Прегледите покажале скинат менискус, а грчкиот клуб веднаш ја потврди информацијата преку официјално соопштение.

„Џеди Осман утринава беше подложен на магнетна резонанца поради болки во коленото. Прегледите покажаа дека има скинат менискус на десното колено. Во наредните денови ќе биде опериран со цел да се санира повредата“, соопшти ПАОК.

Засега нема официјална проценка колку долго турскиот кошаркар ќе отсуствува од терените. Неговото враќање ќе зависи од операцијата и текот на рехабилитацијата. Ова е сериозен кадровски удар за амбициозниот грчки тим, кој останува без еден од најзвучните играчи во ростерот во периодот што следува.