• Саше Љолес
Француската спортска јавност доби една информација која помалку ги шокираше кошаркарските навивачи. Имено, искусниот Томас Ертел е исклучен од репрезентацијата за Олимписките игри во Париз, а причината е навистина бизарна.
Тимот на Венсан Коле ќе биде збогатен со Виктор Вембањама и Руди Гоберт, но ќе го нема Ертел, кој е исфрлен од тимот затоа што настапува во рускиот клуб Зенит Санкт-Петербург. Дел од навивачите не можат да поверуваат дека е донесена ваква одлука и очекуваат истата наскоро да биде променета, но сигурно е дека целиот случај фрли голема дамка врз кошаркарската федерација и националниот тим во целост. Очигледно е дека политиката игра голема улога и во спортот и навистина е нејасно зошто се одразува врз спортистите, кои немаат никаква допирна точка со случувањата помеѓу Русија и Украина.
Франција на Олимписките игри ќе настапи во група со Јапонија, Германија и победникот од квалификацискиот турнир во Летонија. „Триколорите“ се вбројуваат меѓу главните фаворити за освојување на еден од медалите.