• Саше Љолес

Елајџа Брајант продолжува со одличните настапи во Евролигата, а кошаркарот на Хапоел Тел Авив повторно е прогласен за најкорисен играч на колото.
Брајант го доби признанието за МВП на третата рунда, откако одигра клучна улога во победата на Хапоел над Реал Мадрид со 102-98. За 32 минути на паркетот постигна 22 поени, а додаде и 13 скокови и седум асистенции, со што стигна до индекс на корисност од 40.
За него ова е второ индивидуално признание во низа, бидејќи претходно беше избран и за најдобар играч во второто коло.
Идентичен индекс од 40 имаше и Тео Маледон од Реал Мадрид, но поради поразот на неговиот тим не можеше да ја подели наградата со Брајант. Французинот натпреварот го заврши со 26 поени, седум асистенции и пет скокови за 26 минути игра.
Зад нив на листата на најкорисни индивидуални настапи во третото коло се најдоа Маркус Кар и Алију Дијара од Виртус, кои забележаа по 30 индексни поени во победата над Олимпијакос.







