• Саше Љолес
Славниот Жељко Обрадовиќ, како и секогаш, беше искрен и директен на прес-конференцијата после поразот на Партизан во финалето од Купот „Радивој Кораќ“, каде „црно-белите“ беа совладани од најголемиот ривал, Црвена Звезда.
Трофејниот стратег упати критики за судиската тројка, а воедно даде и помалку шокантни изјави кои навивачите ги оценија како евентуална најава за негово заминување од Партизан.
„Овие три момчиња не беа дораснати за ваков натпревар. Ако прашуваме зошто судеа токму тие, тогаш одговорот треба да го бараме на друго место. Едноставно, не беа на потребното ниво за едно големо Куп-финале. Атмосферата беше прекрасна, публиката во свој стил го збогати дербито и драго ми е што немаше никакви инциденти.
Слушам како многумина зборуваат дека ние сме биле државен проект. Ако некој знае нешто повеќе, го молам да излезе и да каже јавно. Кога пристигнав во Партизан, не зборувавме за државни проекти, туку ветив дека од клубот сакам да направам стабилен и постојан евролигаш. Мислам дека во голема мера успеавме да ги реализираме нашите замисли, но пред мене е период во кој сериозно ќе размислам што и како ќе правиме понатаму“, изјави Обрадовиќ.
Партизан го загуби домашното Куп-финале од Црвена Звезда со резултат 85-79, но во Евролигата е во далеку подобра позиција од ривалот. „Црно-белите“ имаат четири победи повеќе од Звезда и во моментов ја заземаат единаесеттата позиција на табелата.