• Саше Љолес
Кошаркарите на Работнички потешко од очекуваното го надиграа „фенерџијата“ Вардар и славеа со конечни 71-79 во натпреварот од петтото коло во Првата македонска лига.
- Комплетниот натпревар помеѓу Вардар и Работнички:
Вардарци пружија повеќе од солиден отпор и покажаа дека нема да бидат лесен залак за трофејниот ривал. Двата тима во првото полувреме добија во своја полза по една четвртина, а на паузата резултатот гласеше 39-42.
Во третиот период видовме потполно израмнета игра (18-18), па пред стартот на последните десет минути беше тешко да се претпостави каде ќе замине победата. Вардар се одржуваше на негатива од само 4-5 поени во периодот до 35. минута, но потоа Работнички успеа да се „одлепи“ на +7 и го направи финалниот исчекор кон четвртата сезонска победа, овој пат со конечни 71-79.
Најефикасен во победничкиот тим беше Ѓуровски со 20 поени, а Имран Полутак постигна три поени помалку. Кај екипата на Вардар прво име беше Лука Марјановиќ со 16 поени.