Ѓуроски: Ова е само почеток, можеме да ја победиме Литванија во Скопје!

Македонската кошаркарска репрезентација убедливо слави против немотивираната Полска (71-96) во рамките на второто квалификациско коло на патот кон Евробаскетот. Еден од најдобрите поединци во нашиот табор беше Стојан Ѓуроски. 

Асот на Пелистер уфрли 17 поени и беше еден од лидерите на тимот. По натпреварот Ѓуроски го изнесе своето мислење и гледиште.

„Влеговме максимално мотивирано во натпреварот. Знаевме од какво значење е за нас. И тоа дефинитивно ни се исплатеше. На нивната игра одговоривме со една многу поголема агресивност. Мислам дека можеби малку и нè потценија. Се одлучивме помалку и да ризикуваме со нивниот шут од далечина, во прв ред на Балцеровски, и тоа на крајот и се исплатеше.

Сепак, сметам дека енергијата беше клучен фактор за победата на овој натпревар. Погодивме доста шутеви од далечина. И дека поголем дел од репрезентативците одиграа феноменално. Нено нè предводеше, и не само што погоди доста, и комплетираше висока бројка на поени, туку нè разигра и нас останатите. И мислам дека на крилата на оваа победа треба да продолжиме да се надградуваме како тим. Можеби лош момент е победата на Естонија против Литванија. Меѓутоа тоа не значи ништо за нас. Следна на ред ни е репрезентацијата на Литванија, за која лично сметам дека можеме да ја победиме во Скопје. Има уште многу да се игра во овие квалификации,и ќе се потрудиме да победиме на што повеќе натпревари. Ова во Полска беше само првиот“, изјави Ѓуроски.

Следните репрезентативни предизвици следат во месец ноември со уште два натпревари, а завршницата на циклусот е закажана за следниот февруари.