• Горан Упале
Пред утрешниот натпревар против Романија, потпретседателот на Македонската кошаркарска федерација, Младен Ѓуроски потенцира дека ова е ново поглавје во македонската кошарка и присутните претставници на медиумите на прес-конференцијата во спорттската сала во Куманово, и јавноста во нашата држава, ги замоли за трпеливост:
„Би сакал да истакнам дека ова е ново поглавје во македонската кошарка. Замолувам за трпеливост затоа што резултатите нема да изостанат во иднина“, рече потпретседателот на федерацијата.
Ѓуроски кажа дека раководството на нашата федерација дава максимална поддршка на селекторот Марјан Илиевски и кошаркарите, а воедно се трудат и да им ги обезбедат најдобрите услови за работа:
„Селекторот и момците ја имаат нашата поддршка, се надевам дека им обезбедивме добри услови за подготовка. Што се однесува до натпреварот, се надевам дека ќе биде празник на кошарката и полна сала. Резултатскиот императив во моментов не го гледаме како предизвик, тука сме сите за да го дадеме својот максимум“, потенцираше Ѓуроски.
Натпреварот меѓу Македонија и Романија ќе се одигра во спортската сала во Куманово, со почеток од 20:00 часот.


