Ѓуроски: Одигравме агресивен и цврст натпревар, одбраната повторно беше клучна

Еден од најискусните во нашата кошаркарска репрезентација, Стојан Ѓуроски, како и комплетната стартна петорка, имаше одличен почеток на гостувањето во Осло.

Од стартот на мечот, делуваше доста сигурно, самоуверено, и беше вистинска поентерска поддршка за Ти-Џеј Шортс во моментите кога ја креиравме двоцифрената разлика која го одреди и понатамошнито тек на настаните во Арената „Нордстранд“

„Го следевме натпреварот меѓу Данска и Словачка, знаевме дека тој многу ни значи, но исто така бевме подготвени да одиграме за себе и да победиме. Го следевме планот на селекторот кој беше многу сличен на оној од првиот натпревар во Гевгелија - да го запреме нивниот најдобар играч Фреј.

Успеавме во тоа, одигравме агресивен и цврст натпревар, примивме само 41 поен и мислам дека одбраната повторно беше клуч на нашиот успех со што го запечативме првото место кое го заслуживме. Во овој циклус игравме со силни репрезентации кои не се за потценување, сега ќе прославиме во очекување на следните ривали во квалификациите за Европското првенство“, изјави Ѓуроски по триумфот со кој го запечативме првото место во претквалификациите за Евробаскетот.

Во нашиот национален тим се истакнаа Шортс со 22 и Војдан Стојановски со 16 поени, а кај Норвежаните најефикасни беа Фреј со десет и Јавара со осум поени.