Ѓуроски: Мора да се покажеме во најдобро светло, ова е шанса за младите

Повратникот во националниот тим на Македонија, Стојан Ѓуроски, добро ја познава Шпанија. Кошаркарот на Пелистер мина доста време во оваа земја, настапуваше во тамошните натпреварувања и е добро запознаен со системот.

Во пресрет на гостувањето на Македонија во Сарагоса во рамките на квалификациите за Светското првенство, Ѓуроски даде своја анализа. 

„Секогаш е убаво да се игра против ваква репрезентација. Градот и салата ги познавам добро, бидејќи Хуеска е оддалечена само 30 минути и ова буди убави чувства. Очекуваме да дадеме максимум и да се запознаеме и воиграме. Реално, шансата за победа ќе ја бараме против Украина дома, пред своја публика. 

Ова е шанса за младите да видат како се игра против голем тим. Ова ќе биде одлична шанса, особено за најмладите во тимот, без разлика на исходот. Имаме натпреваруивачки карактер, ама не забораваме против кого ќе играме. Неколку години се бориме низ квалификациите со условно кажано „помалите“ селекции да дојдеме дотука, а сега играме со најдобрите на светот. Мора да се покажеме во најдобро светло во Сарагоса“, изјави Ѓуроски. 

Македонија е последна во групата, а против Шпанците шансата за бодови е релативно мала. За пласман во следната фаза е потребна победа над Украина в недела, но и услуга од Грузијците денес во Рига.