Ѓоровиќ: Знаеме како треба да одиграме со Германија и верувам дека нема да се посрамотиме

Денес официјално започнува квалификацискиот циклус за следното Европско првенство во кошарка во женска сениорска конкуренција, кое е закажано за 2021 година. Нашата женска сениорска репрезентација во првиот прозорец од евро-квалификациите ќе се пресмета против Германија на гостински терен и против Летонија на домашен терен.

Македонската делегација вчера пристигна во Нердлинген и одржа неколку тренинга во салата, каде ќе се одигра натпреварот.

„Атмосферата помеѓу играчите како и меѓу играчите и стручниот штаб можам да кажам дека е извонредна. Здравствени проблеми, освен оние пред почеток на циклусот, немаме, така што ќе настапиме со сета силата со која располагаме во моментов. Во Германија сме примени одлично. Одржавме два тренинга, еден синоќа, неколку часа откако пристигнавме, како и еден утринава за воигрување и за шут. Ги скаутиравме со колегите од стручниот штаб и се подготвувавме да одговориме на нивниот начин на игра. Ние знаеме како треба да одиграме и верувам дека нема да се посрамотиме. За што ќе биде доволна нашата игра, тоа пред време не можеме да знаеме“, истакна селекторот Владимир Ѓоровиќ.

Натпреварот против германската репрезентација е закажан за денес, со почеток во 19:00 часот. Три дена подоцна репрезентацијата на Летонија ќе гостува во Скопје.