Ѓорѓи Кочов е нов тренер на КК Вардар: Во новата сезона ќе бидеме најмлад тим

Повратникот помеѓу кошаркарските прволигаши, тимот на Вардар во новата сезона ќе биде предводен од нов тренер. Станува збор за младиот 31-годишен Ѓорѓи Кочов, кој до лани активно настапуваше во тимот, но годинава се реши дефинитивно да стави крај на играчката и да започне тренерска кариера.

„За прв тренер на КК Варадар сума назначен пред неполн месец и можам да ви кажам дека со огромно задоволство ја прифатив дадената понуда. Благодарен сум на луѓето кои го водат клубот за укажаната доверба. Во изминативе две сезони работев како прв тренер на младинските селекции на КК Вардар со чии екипи имавме сто процентен ефект, односно три освoени титули за две сезони. Но, и поркај тој успех во млaдиnска конкуренција свесни сме дека играњето во Првата македонска лига е голем предизвик како за мене така и за играчите. Квалитетот на лигата е на многу повисоко ниво, но токму тоа ќе биде нашиот дополнителен мотив за што понапорна работа, работа преку која би се подигнале на повисоко ниво и би се промовирале во што подбро светло“, вели младиот стратег Кочов.

Со назначувањето на Кочов за нов тренер на местото на Бојан Христов, кој минатата година го водеше тимот во Втората лига, концептот, односно амбициите на клубот и во сезоната што следи нема да се променат, напротив остануваат исти, а тоа е работа и промоција на млади кошаркари.

„Стратегијата и амбициите на клубот се јасни и непроменети во последните десет години, создавање и промовирање на домашни играчи. Кога станува збор за играчкиот кадар, можам да ви кажам дека со сигурност ќе бидеме најмладата екипа во првенството. Станува збор за екипа составена од играчи помеѓу 16 и 24 години, од кои повеќето за првпат ке доживеат своја промоција во Првата лига. Би бил пресреќен доколку успееме да добиеме неколкумина идни стандардни прволигашки играчи и идни репрезентативци на Македонија. Подготовките течат во најдобар ред, задоволен сум од посветеноста и ангажирањето на играчите. До сега имаме одиграно само еден пријателски меч и тоа против екипата на КК Работнички, кој го загубивме со четири разлика. За овој дел од сезоната сум задовоолен како играме, меѓутоа потребно е време за да оваа млада екипа заигра на посакуваноти ниво. Наше е да работиме напорно и стрпливо да ја чекаме нашата шанса. Мислам дека заедно со тренерите Дарко Радуловиќ и Никола Велев создадовме квалитетен систем на работа, кој ќе помогне да се извади моменталниот максимум од овие играчи и истовремено да се подигне квалитетот на ови играчи што повисоко ниво“, завршува Кочов.

Кочов е кошаркар кој зад себе има 13 години професионална кариера како играч и освои три титули во Првата лига, две со Работнички и една со МЗТ Скопје. Новиот предводник на „црвено-црните“ е дипломиран тренер по кошарка на факултетот за физичка култура.