Гивенс: Не сме веќе „бебиња“, имаме огромни шанси да напредуваме!

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија по три години повторно се реактивира. Желбите за успех се големи, а една од најдобрите кошаркарки во нашата селекција, Криси Гивенс, влегува во новиот циклус со голем отпимизам.

Американката вели дека е премногу возбудена затоа што селекцијата е повторно заедно и смета дека шансите за напредок овој пат се огромни.

„Многу сум возбудена. Кога го добив повикот од Моника Гавриловска бев пресереќна. Увидов дека сакаме да одиме напред со женската кошарка. Мислам дека со овој тим имаме огромни шанси да напредуваме и да добиеме искуство да се натпреваруваме со секого“, вели Гивенс.

Бекот на минатите средби за Македонија даваше по најмалку 25 поени на меч, но сепак не победувавме. Вели дека овој пат, девојките повеќе не се „бебиња“ како кога дошла тука и дека само небото може да е граница за овој тим од кого се очекува напредок.

„Минатите мечеви давав поени, но не правев разлика затоа што губевме. Девојките растат сега, тие не се бебиња како кога дојдов тука. Возрасни сме сите, само небото може да е граница за нас“, додава репрезентативката.

Македонија ја чека настап на турнир на домашен терен на кој ќе учествуваат уште Бугарија, Јапонија и БиХ. Гивенс вели дека турнирот ќе биде за воигрување, но и дека желбата за победа на секој меч ќе биде на највисоко ниво.

„На претстојниот турнир сакаме да победуваме на секој натпревар, лично јас излегувам на паркет да победам. Моника Гавриловска прави многу за нас, мислам дека девојките ќе излезат на паркет со менталитет да победат“, заврши натурализираната кошаркарка.

Водени од селекторот Марјна Лазевски нашите најдобри кошаркарки вечерва го изработија првиот тренинг од подготовките.