• Саше Љолес

Актуелниот светски шампион, Германија, е сѐ поблизу до пласман на следниот Евробаскет откако славеше победа над Шведска во четвртото коло од квалификациите со конечни 80-61.
„Панцерите“ излегоа на паркетот крајно мотивирани и имаа мали проблеми само во раната фаза од мечот, но потоа без проблеми се изборија за убедлив триумф. На паузата Германија водеше со 41-31, а потоа постепено ја зголемуваше предноста.
Најдобар поединец во победничкиот состав беше Јоханес Тиман со 16 поени, а на спротивната страна Није постигна 15 поени, а еден помалку додаде Патзар.
Чекор поблиску до континенталниот собир е и селекцијата на Словенија, која со многу мака минимално ја надигра Португалија (83-82), Турција е во добра позиција по гостинскиот триумф кај Унгарија (76-81), а победа славеше и Црна Гора, која со 90-86 ја совлада Бугарија на нејзин терен.
Важни бодови впиша и четирикратниот европски шампион Шпанија, која славеше над Словачка со високи 84-71.