• Саше Љолес

Французинот Лео Вестерман пронајде нов ангажман и кариерата ќе ја продолжи во германскиот шампионат. Поранешниот член на белградски Партизан се договори со тимот на Кралсхајм Мерлинс, а соработката беше најавена и на официјалниата клупска страница.
Договорот на Вестерман е со важност до февруари 2024 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
„Искусниот Вестерман доаѓа во нашиот клуб со резиме од 176 натпревари во Евролигата и 27 меѓународни мечеви со својата репрезентација. Играчот висок 198 сантиметри, ќе го носи дресот со бројот „19“ во нашиот клуб“, стои во краткото соопштение од Кралсхајм.
31-годишниот Лео Вестерман во кариерата настапуваше за повеќе европски тимови. Во еден период имаше понуди и од НБА лигата, но остана во Европа и целата кариера ја мина на стариот континент. Беше дел од Асвел, Партизан, Лимож, Жалгирис, ЦСКА Москва, Фенербахче, Басконија, Монако и Обрадоиро.