• Саше Љолес

Новата спортска сала на кошаркарскиот клуб Работнички ќе биде готова во октомври годинава. Ова го најави градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, кој објави дека постојано врши надзор и контрола на градежните активности.
„Работите се одвиваат непречено. Има редовен увид од страна на службите за динамиката и досега оствареното. Ако сѐ мине во најдобар ред и ако сите фирми се навреме исплатени, мислам дека салата ќе биде готова во септември или октомври“, изјави Герасимовски.
Салата во скопскиот градски парк се реконструира за првпат после дури пет децении. Во проектот се предвидени нов покрив, нова фасада, еластична подлога, климатизација, подно греење и модерно осветлување.