Гечевски: Успехот на репрезентацијата е успех на цела Македонија

Кошаркарите им се враќаат на репрезентативнита обврски и денес ќе го имаат првиот тренинг со новиот селектор Александар Тодоров. Македонија на 20 февруари ги стартува квалификациите за Евробаскетот во 2020 година, а за прв противник ја има селекцијата на Естонија

<<< ПОВРЗАНО - Тодоров: Одбраната ќе биде клучна, мораме да ја сопреме Естонија да не даде 90 поени

<<< ПОВРЗАНО - Стојановски: Дуелот со Естонија е битен, се надеваме на добар здравствен билтен

Спортскиот директор на репрезентацијата, Тодор Гечевски на денешната прес-конференција пред означувањето на старт на подготовките изјави дека најважна цел на КФСМ е да ја вратат кошарката во Македонија таму каде што беше.

„Најважниот настан се ближи до реализација, се подготвувавме како федерација да обезбедиме најдобри услови што во моментов можеме и се надеваме дека тимот ќе биде задоволен. Успехот на репрезентацијата е успех на цела Македонија и се надеваме дека ќе се вратиме на големите европски натпреварувања. Ние сме повеќе концентрирани на натпреварот со Естонија, ривал со коj го отвораме овој циклус. Сметам дека сме подобри и имаме реални шанси да победиме. Го одложивме и Купот за да бидеме повеќе посветени на репрезентацијата“, рече Тодор Гечевски.

Првиот натпревар е закажан за 20 февруари во А1 Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, со почеток во 20:15 часот. Вториот е предвиден за 23 февруари, кога нашиот сениорски национален тим игра на гостински терен, во Перм, во 16:00 часот, против соодветната селекција на Русија.