Гечевски: Сакаме со Бајиќ да направиме сериозна репрезентација (ВИДЕО)

Спортскиот директор на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ), Тодор Гечевски, изрази задоволство поради постигнатиот договор со еден од најуспешните тренери на просторите на поранешна Југославија последните години Драган Бајиќ.

Српскиот стратег кој е роден во Австрија, а моментално работи во тимот на Игокеа, ќе ја води Македонија во следните четири години, а постои можност соработката да биде проширена и потоа во зависност од постигнатите резултати.

„Договорот е постигнат пред околу две недели, на обострано задоволство. Сметаме дека Бајиќ е вистински избор за селектор, со оглед на неговото знаење и искуство. Сакаме да направиме сериозна репрезентација, а планираме соработка на долг период. Му посакуваме добредојде и многу успех во работата“, изјави Гечевски.

  • Комплетната изјава на Тодор Гечевски:

Прв предизвик за новиот селектор ќе биде настапот во претквалификациите за Светското првенство (СП) кое ќе се игра во 2023 година.