Франција засилена за олимпискиот турнир, Вембањама го потврди своето учество

Француската кошаркарска репрезентација ќе добие одлично засилување за претстојните Олимписки игри во Париз, откако беше потврдено дека Виктор Вембањама ќе настапи за „триколорите“ и ќе се обиде да му помогне на тимот за што подобар пласман на турнирот. 

Новиот член на Сан Антонио Спарс и прв „пик“ на НБА драфтот, се очекува да биде огромно засилување во играта под обрачите, а навивачите се надеваат дека нивните миленици ќе забележат далеку подобар пласман во споредба со неодамна завршеното Светско првенство. Франција не ја мина ниту групата на Мундобаскетот и тоа беше знакот дека мора да се „вклучи алармот“ во националниот тим. 

„Мора да заиграме во подобар ритам и да оствариме добар пласман на Олимпијадата. Ќе дадам сѐ од себе за да му помогнам на тимот и очекувам сите да пристигнеме со максимално мотивиран пристап. 

Нашата цел е јасна, играме на домашен терен и сакаме да го освоиме златниот медал. Некому можеби тоа му звучи неверојатно, но мислам дека имаме квалитет за самиот врв.

Мундобаскетот не треба да биде мерило, се случува играчите да се вон форма и да имаат лош ден. На Олимписките игри Франција ќе биде силна, јас ви го гарантирам тоа“, изјави Вембањама. 

Француската репрезентација го заврши Светското првенство на 18. позиција, што претставува еден од најлошите пласмани во историјата на „Галските петли“. Тимот сигурно ќе има што да подобри во својата игра, а со Вембањама во составот, сигурно ќе биде исклучително тежок противник за сите ривали на олимпискиот кошаркарски турнир.