• Горан Упале
Кошаркарската репрезентација на Франција ќе биде противникот на Германија во полуфиналето на Летните Олимписки Игри во Париз, откако во драматично четвртфинале славеше голема победа над Канада со 82-73. Спротивно од пригнозите и формата, олимпискиот вицешампион од Токио одигра феноменална одбрана, целосно го сопре Мареј и ѕвездите од Евролигата се наметнаа и го оправдаа изборот на селекторот Винсент Коле.
Атмосферата во „Акор Арената“ беше пеколна, налик на фудбалски натпревар, а тоа беше мотив плус за домашните кошаркари да прикажат фантастична игра во првото полувреме. Франција тргна сигурно и ефикасно, Исаја Кординие беше расположен за надигрување, го следеше и Јабуселе, па Канада влезе во големи проблеми уште во воведната четвртина. „Триколорите“ за краток период се одлепија на +13 (18-5), а со истата разлика се замина во првата мала пауза (23-10).
На стартот од вториот квартал водството на Франција почна да расте, но Канаѓаните конечно се разбудија и го одиграа најдобриот период дотогаш. Но, нивната серија не траеше долго, поточно разликата се намали на девет поени, по што следуваше нов налет на „триколорите“ и убедливи 16 поени предност на полувреме (45-29).
По паузата и по советите на двајцата селектори, следуваше возбудлива четвртина во која се водеше голема битка. Гилџес-Александер конечно проработи и тој беше најголемиот „виновник“ што мечот влезе во неизвесна завршница. На почетокот од последните десет минути Канада стигна до подносливи шест поени разлика (61-55), ама Гилџес-Александер не ја доби очекуваната поддршка од соиграчите, особено од Мареј, па Франција експресно се врати на +10 (65-55).
Но, Канада не се предаде, влезе во нови позитивни минути и со цврста одбрана и лесни поени ја врати неизвесноста на натпреварот (65-60). Сепак, во вистински момент се разигра Форние, кој со две тројки, од кои втората речиси од половина терен, ги сруши сите сонови на Канаѓаните и ја одведе својата селекција во полуфиналето (82-73).
Јабуселе со 22 и Кординие со 20 поени беа најпрецизни во таборот на Франција, а одлични беа и Форние и Лесор со по 13 поени. Гилџес-Александер броеше до 25, додека Мареј застана на само 7 поени.