Франција им одржа лекција на пулените на Симиќ

По вчерашниот пораз од Израел, кошаркарите на У18 репрезентацијата на Македонија денес запишаа нова неуспех на Европското првенство (ЕП) А-дивизија, кое се одржува во Измир, Турција

  • Комплетниот натпревар меѓу Македонија и Франција

Франција беше надмоќна против нашиот национален тим и стигна до второ славје на турнирот (47-104). Фаворитот не чекаше многу и уште во првата четвртина покажа кој е кој на оваа средба.

Македонските надежи примија дури 39 поени по само десет минути игра. Тоа им зададе голем удар, кој се почувствува во играта во остатокот од мечот. Тони Симиќ не можеше да ги мотивира своите избраници, кои како да се предадоа и во наредните две четвртини постигнаа едноцифрена бројка поени.

Французите сигурно чекореа кон победата и раситнување на „стотката“. Тоа на крај им успеа, за потврда на лошиот ден на македонската селекција. Петар Башовски беше единствен со двоцифрен учинок кај нас со дванаесет поени, а кај Франција се истакнаа Билал Кулибали со 19 и Сиди Сисоко со 14 поени.

Утрешниот ден за репрезентацијата на Македонија носи дуел од третото коло против Велика Британија.