• Саше Љолес
Кошаркарите на Франција убедливо ја совладаа селекцијата на Грција со резултат 92-77 во последниот пријателски натпревар пред почетокот на Евробаскетот за три дена.
Актуелните олимписки вицешампиони беа убедливи во „ОАКА арената“ во Атина, и покрај тоа што Јанис Адетокумбо се врати во таборот на Грците.
Неизвесноста траеше само во првото полувреме, кога Јанис доминираше на теренот. Поточно, буквално „леташе“ по паркетот, поради што домашниот тим имаше предност од 49:44 на семафорот. Францускиот тим имаше проблеми да го задржи, но сè се смени од корен во третата четвртина.
Во тој период од играта, најдобриот играч на Грција постигна само два поена, иако спектакуларни, но сепак Французите почнаа да влегуваат во сериозен ритам. Сите во дресот на „Галските петли“ започнаа прецизно да погодуваат и за само неколку минути од неизвесен меч, резултатот стана двоцифрен во корист на гостите, предност што лесно ја задржаа до самиот крај.
Јанис Адетокумбо го заврши мечот со 20 поени, од кои 13 ги постигна во првото полувреме.
Французите покажаа квалитет и покрај тоа што на Евробаскет ќе настапат без неколку клучни играчи. Тео Маледон беше предводник во Атина со 16 поени, Жерсон Јабуселе додаде 14, исто колку и Ризаше.









