Франција го „крши“ малерот на финалињата против сензацијата Србија

Вечерва во „Ла Фонтета“ во Валенсија, Европа ќе добие нов шампион во женска кошарка. Еден од домаќините ќе се бори за титулата, а еден веќе ја предаде со поразот во четврфиналето. Србија и Франција, како две единствено непоразени, ќе се соочат во натпреварот за златото, а прогнозите се апсолутно изедначени. 

Франција и петти пат по ред ќе игра во финале на Европското првенство во женска кошарка, а кошаркарките од оваа спортска нација ќе се обидат против Србија да го прекинат проклетството од четири порази по ред во мечевите за титулата.

Во 2015 година Србија ја победи Франција во финалето со 76-68, а останатите три порази на Французинките се од Шпанија, во 2013, 2017 и во 2019 година. Франција има две титули европски првак, но и дури седум порази во финалните натпревари. 

Марина Маљковиќ е творец на оваа нова генерација српски кошаркарки. Таа речиси пет години беше на кормилото на сениорската репрезентација и за тој период освои златен медал на Европското првенство во 2015 година и бронзен на Летните Олимписки игри одржани минатата година. Оваа Србија се надмина, ги победи Шпанија и Белгија по два трилери и стигна до историско финале во Валенсија. 

Финалето е предвидено за вечерва од 21:00 часот., а три часа претходно Белорусија и Белгија ќе се борат за бронзениот медал.