• Саше Љолес

Репрезентацијата на Финска ја изненади селекцијата на Литванија и славеше победа со 81-79 на пријателскиот натпревар што се игра во рамки на подготовките за Светското првенство.
Скандинавскиот состав беше порасположен за игра и наметна силно темпо уште од стартот на мечот, но Литванија сепак водеше со 21-19 по истекот на првите десет минути. Втората делница ѝ припадна на Финска, која ја доби четвртината со седум поени разлика, а на полувремето резултатот гласеше 45-41.
Второто полувреме донесе по една четвртина во корист на двете репрезентации, но предноста од втората делница се покажа како клучна за победата на Финска. Литванците со сите сили се обидоа да се вратат во мечот и да направат пресврт, но во завршницата не успеаја да го израмнат резултатот и загубија со 79-81.
Најефикасен кошаркар кај победничкиот состав беше играчот на Јута Џез, Лаури Марканен со 24 поени и седум скокови, додека кај Литванија први имиња беа Јокубаитис со 13 поени и Нормантас, кој забележа еден поен помалку.
Финска во добро расположение ќе отпатува на Мундобаскетот, каде ќе игра во групата Е со Австралија, Германија и Јапонија, додека Литванија ја чекаат три пресметки во групата Д, а противници ќе ѝ бидат Црна Гора, Мексико и Египет.