Фијаско на Летонија во Рига, Литванија меѓу најдобрите осум во Европа

Кошаркарската репрезентација на Литванија е третиот патник во четвртфиналето на Евробаскетот, по победата во „балтичкото дерби“ против домаќинот Летонија во Рига со резултат 88-79. Литванците со тоа закажаа борба за полуфинале со победникот од дуелот Грција – Израел, додека Летонија доживеа тежок дебакл на турнирот, иако влезе со големи амбиции како домаќин.

Литванија влезе во мечот без две големи ѕвезди – повредениот Јокубаитис и отсуствувањето на Сабонис – но селекторот Римас Куртинайтис маестрално го подготви тимот. Тимската одбрана ја ограничуваше Летонија, која се потпираше исклучиво на Кристапс Порзингис. На полувреме Литванците веќе имаа +10 (47-37), а во вториот дел ја држеа контролата и сигурно чекореа кон победа. Секој обид на домаќинот да се врати беше експресно неутрализиран.

Најдобри поединци беа Арнас Величка кој ја одигра партија на кариерата – 21 поен, 12 асистенции и пет скокови, пред Азолас Тубелис кој забележа дабл-дабл со 18 поени и 12 скокови. Кај Летонија, Кристапс Порзингис доминираше со неверојатни 34 поени и 19 скокови, но без вистинска поддршка од соиграчите. Ломач додаде 21 поен, додека Жагарс застана на само шест поени.