ФИБА контра Дубаи: Нема логика азиски тимови да играат во Евролигата!

Претседателот на ФИБА Европа, Хозе Гарбахоса, даде интересна изјава поврзана со можноста за тимови од азискиот континент да настапуваат во Евролигата.

Легендарниот Шпанец искрено и отворено кажа дека оваа идеја нема никаква смисла и не гледа причина зошто тимови од ОАЕ, Катар или Саудиска Арабија би играле во елитниот европски ранг. 

„Гледам дека сѐ се сведува само на гласини. Не сум видел никаков договор или документ за оваа идеја. Како претседател на ФИБА Европа, не ми се допаѓа идејата за учество на екипи од други континенти. Така се губи автентичноста и препознатливоста ширум светот. 

Доколку евентуално дојде до ваков договор, мора да се имаат предвид многу фактори. Ќе има повеќе далечни патувања, а тоа носи поголеми трошоци за клубовите и голем замор за играчите. Овие мечеви ќе влијаат на нивната форма, а тие имаат обврски и во репрезентациите. 

Од првиот ден изјавувам дека идејата е неиздржана и мислам дека мора во овој случај да не мислиме само на некаков финансиски интерес. Факт е дека тие клубови сакаат да инвестираат големи средства, но мислам дека сето тоа ќе биде премногу комплицирано за сите“, изјави Гарбахоса. 

Најсериозен кандидат за влез во Евролигата беше екипата на Дубаи, чија управа сакаше да инвестира 100 милиони евра за инфраструктурата и ветуваше спектакуларни засилувања, но оваа идеја се чини дека добива сѐ помала поддршка од сите релевантни фактори и веројатно нема да се реализира во блиска иднина.