ФИБА ќе ја исклучи Русија, Црногорците ќе играат на Евробаскетот?

Војната во Украина доведе до серија економски и спортски санкции против најголемата земја во светот - Русија. Спортистите од оваа земја веќе се елиминирани од главните фудбалски организации (ФИФА и УЕФА), ракометните (ИХФ и ЕХФ), одбојкарските (ФИВБ и ЦЕВ) и ватерполо организациите (ФИНА и ЛЕН). Само во еден од петте колективни спортови на олимписката програма сè уште е малку „жива“ - во кошарката.

Имено, на седницата на централниот одбор на 25 март, ФИБА не донесе одлука за дефинитивно исклучување на сите руски селекции, туку само ја продолжи суспензијата. Конечното решение треба да се донесе во мај, но се чини дека Русите дефинитивно ќе го прескокнат Евробаскетот во Германија, Грузија, Чешка и Италија.

„Зборнаја“ треба да игра во групата А во Тбилиси со домашната Грузија, Шпанија, Турција, Белгија и Бугарија, но практично е невозможно да се случи ова сценарио. Бројни национални кошаркарски федерации велат дека не им паѓа на памет да играат против тимот предводен од српскиот стручњак Зоран Лукиќ. Стигнаа официјални најави од Италија, Холандија и Исланд, земји кои се во групата Х од квалификациите за Светското првенство со Русија, дека не сакаат да ги играат тие натпревари во јули. Италијанскиот олимписки комитет ја повика ФИБА да ги почитува одлуките на Интгернационалниот Олимписки Комитет (ИОК), кој ги советуваше меѓународните спортски организации да ги исфрлат Русите и Белорусите од сите натпреварувања.

Во случај Русија дефинитивно да биде исфрлена од Евробаскетот, прв кандидат за нејзина замена е Црна Гора. За тоа има два „силни“ аргументи: Црногорците се 25-ти на ранг-листата на ФИБА, односно најдобропласирана од сите селекции кои не изборија пласман на Евробаскетот и се единствени кои со три победи не се пласираа на шампионатот на стариот континент.

Доколку ФИБА испрати покана до Црна Гора, тоа ќе биде четврти настап на оваа селекција на Евробаскетот.