ФИБА и НБА прават „каша“ за Евролигата, неколку клубови силно негодуваат

Првиот човек на ФИБА, Андреас Заглис, најави дека Светската кошаркарска федерација веќе е во преговори со американската асоцијација за формирање на европска НБА лига која би претставувала директна конкуренција на Евролигата!

Генералното мислење на сите субјекти е дека европската кошарка не го исполнува во целост својот маркетиншки и финансиски потенцијал, па поради тоа потребно е да се воведат драстични промени. 

Според зборовите на Заглис, ФИба и НБА разговарале со неколку маркетинг гиганти од Европа за промовирање на НБА лигата на стариот континент, која ќе биде силна конкуренција на националните шампионати и Евролигата. НБА е подготвена да вложи средства за максимална промоција на натпреварувањето, но оваа идеја не им се допаѓа на сите клубови. 

„Постои голем интерес и веќе имавме разговори со НБА. Тоа е дел од нашата работа, ние сакаме да бидеме прецизни и точни во нашите цели. Зборувавме и со ЕКА, компанијата која ја води Евролигата.

Важно е да имаме разбирање од сите страни, целта е да го развиваме спортот, но и да обезбедиме добра заработка за клубовите, домашните лиги и репрезентациите. Повеќе информации на оваа тема ќе имаме на средината на јануари“, изјави Заглис. 

Неколку евролигаши отворено се побунија на ваквата идеја, а се чини и дека челниците на елитното натпреварување не се најсреќни со овој предлог на ФИБА. Доколку финансискиот колач биде задоволителен за сите, тогаш нема да биде чудно ако НБА лигата се пресели и на европско тло.